Тироидна жлезда

Тироидна жлезда

Време за извршување анализи 7,00-20,00 секој работен ден, Сабота до 7,00-12,00 час.

              Хормоните на тиреоидната жлезда влијаат на растот и созревањето, ја контролираат терморегулацијата и синтезата на протеините и разградувањето на мастите. Имаат клучна улога во развојот на нервниот систем, ја зголемуваат осетливоста кон одредени стимуланси, влијаат на чуството на глад, памтење и учење. Исто така имаат важна улога во репродукцијата кај мажите и жените и во одржувањето на нормална бременост.

Испитувањето на TSH ( Тиреостимулирачки хормон ) се врши за да се испита функцијата на тиреоидната жлезда. Испитувањето се врши за да се открие дали тиреоидната жлезда е хиперактивна ( зголемена функција – хипертиреоидизам ) или хипоактивна ( намалена функција – хипотиреоидизам ). Испитувањето исто така може да покаже проблем во работата на тиреоидната жлезда и без присуство на симптоми. Доколку не се третира дисфункцијата на тиреоидната жлезда може да предизвика сериозни здравствени проблеми.

Испитувањето на TSH ни ја покажува концентрацијата на тој хормон во крвотокот. TSH се лачи од хипофизата во мозокот. Хипофизата преку лачењето на TSH хормонот ja стимулира тиреоидната жлезда да продуцира и ослободува тиреоидни хормони во крвотокот.

Испитувањето на TSH е најдобро да се прави наутро, затоа што преку ден се можни флуктоации на концентрацијата во серумот на тој хормон. Посебна припрема не е потребна, меѓутоа одредени медикаменти пред испитувањето не треба да се земаат. Консултирајте се со Вашиот лекар околу прекинот на одредена терапија пред испитувањето на TSH.

ЗГОЛЕМЕНИ ВРЕДНОСТИ НА TSH

Нормалните вредности на TSH се движат од 0.4 до 4.5 µUI/ml. Доколку нивото на TSH е повисоко од овие граници, можно е да се работи за намалена функција на тиреоидната жлезда. Бременоста исто така може да предизвика зголемени вредности за TSH.

НАМАЛЕНИ ВРЕДНОСТИ НА TSH

Доколку пак вредностита на TSH е пониски од нормалните вредности, најверојатно се работи за зголемена функција на тиреоидната жлезда. Намалените вредности на TSH можат да бидат предизвикани од:

• Гравесова болест ( автоимуно заболување кое ја напаѓа тиреоидната жлезда );

• Висока концентрација на јод во телото;

• Висока концентрација на медикаменти за тиреоидната жлезда;

• Зголемен внес на природни суплементи кои содржат тиреоидни хормони.

 

Хипотиреозата ( намалена функциија на тиреоидеата ) може да се појави во било кој период од животот, додека хипертиреозата ( зголемена функција на тиреоидеата ) почесто се јавува кај жените во репродуктивниот период.

Најчести симптоми кај хипотиреозата се:

• астенија

• апатија

• забавен ритам на пулсот

• зголемување на телесната тежина

Најчести симптоми кај хипертиреозата се:

• возбуденост

• забрзан ритам на пулсот

• губиток на телесната тежина

Кај децата дисфункцијата на тиреоидната жлезда доведува до нарушување на растот и развојот.

 

Одредувањето на концентрацијата на TSH не е доволна за дијагностицирање на тиреоидна дисфункција. Анализирање на останатите тиреоидни хормони ја даваат точната слика за функцијата на тиреоидната жлезда.

Тиреоидната жлезда ги лачи хормоните Т3 ( тријод тиронин ) и Т4 ( тироксин ) кои го регулираат метаболизмот во клетките на сите ткива во во нашиот организам. Во крвта тиреоидните хормони се јавуваат во слободен облик како fT3 и fT4 и се врзани за транспортните протеини. Околу 0.3 % од вкупниот Т3 циркулира како fT3 и околу 0.04 % како fT4. Овие форми се биолошки активни.

 

ХАШИМОТОВ ТИРЕОИДИТИС

Антителата претставуваат одбрандбени протеини ( имуноглобулини ) кои се продуцираат кога во телото навлезат антигени т.е. супстанции кои во одредени околности покренуваат специфичен имунолошки одговор и стимулираат создавање на антитела со кои доаѓаат во контакт. Функцијата на антителата е да го заштитат организмот, меѓутоа понекогаш имунолошкиот систем не ги препознава продуктите од сопствениот организам, се бори против нив и ги отфрла. На таков начин настануваат разни автоимуно заболувања. Зголемените антитела во крвта често доведуваат до дисфункција на тиреоидната жлезда.

Автоимуната болест на тиреоидеата ХАШИМОТОВ ТИРЕОИДИТИС се развива заради контактот со протеините од тиреоидната жлезда ( овие протеини се во самата тиреоидеа и организмот не ги препознава како свои ). Последица од дејството на антителата врз тиреоидеата доведува до промена во функцијата на истата односно доведува до зголемено или намалено лачење на тиреоидните хормони. Главни антитела против тиреоидната жлезда се:

 

• Anti -TG ( Антитиреоглобулин ) - антитело кое е насочено против Тиреоглобулинот кој е дел од клетките на тиреоидеата - главен протеин одговорен за акумулирање на јодот. Испитување на овие антитела се прави за утврдување на успешноста на терапијата кај диференциран карцином на тиреоидета, а високите вредности на Anti – TG исто така може да укажат на зголемена функција на тиреоидеата пр. кај еднемска гушавост или хиперфункција на тиреоидеата. Нормалните вредности на антитиреоглобулинот изнесуваат < 40 IU/mL.

• Anti - TPO ( Антитиреоидна пероксидаза ) – антитело насочено на блокирање на функцијата на ензимот тиреоидна пероксидаза кој е важен за продукцијата на тиреоидните хормони ( тријод тиронин и тироксин ). Овие антитела се испитуваат за: потврда на дијагнозата за автоимуна болест на тиреоидеата, проценка на ризикот и прогнозата на автоимуната болест, проценка на ризик од хипотиреоза при медикаментозна терапија со литиум и интерферон, проценка на ризик за дисфункција на тиреоидеата кај Даунов синдром. Нормалните вредности за антитиреоидната пероксидаза изнесуваат < 30 IU/mL.

 

Дијагностичко-специјалистичка лабораторија 95-Медика врши испитување на сите хормони и антитела на тиреоидната жлезда на најсовремена апаратура и тестови, со што се гарантираат точни и прецизни резултати. Резултатите од овие испитување ги добивате истиот ден.